Во текот на изминатите неколку месеци, 34-те подрачни одделенија на Државната изборна комисија добија нов изглед. Претходно проблематични и рестриктивни, условите за работа во овие канцеларии се значително подобрени со реновирање на работните простории, поставување на нови клима уреди со инвертер систем и надградба на ИТ опрема со повисоки перформанси. За вработените, оваа промена е огромен успех. „Подобрувањето е неверојатно“, вели Арбен Фејзули, вработен во ПО Тетово, „ќе ја зголеми нашата респонсивност и ќе ни овозможи да работиме многу поефикасно во иднина“.
Оваа инфраструктурна обнова е резултат на иницијативата која има за цел поддршка на тековните напори на ДИК за зајакнување на техничките и човечките капацитети на подрачните одделенија. Иницијативата беше дел од проектот „Поддршка на изборните реформи“ на Швајцарската амбасада/Швајцарската агенција за развој и соработка, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
Инсталирани пристапни рампи за подобрување на пристапот до ПО за лица со попреченост
Врз основа на детални проценки на специфичните потреби на секое подрачно одделение, ИФЕС обезбеди пакет за поддршка предвиден за надградба и модернизација на работните средини, подобрување на нивната пристапност, зголемување на ажурноста и точноста на работата и подобрување на целокупната ефикасност на персоналот. Пакетот за поддршка се состоеше од уреди за климатизација со инвертер систем, мултифункционални печатачи, десктоп компјутери, лаптоп компјутери, канцелариски столици, бироа, ламинатен под, кабинети за архивирање и пристапни рампи за лицата со попреченост. Иницијативата беше реализирана во периодот од јули до ноември 2021 година.
Новиот канцелариски мебел и опрема веќе се ставени во употреба во ПО Карпош
„Донацијата навистина беше многу потребна“, вели Снежана Кичевска, службеничка за избори во ПО Карпош. „Сега ѕидовите се свежо бојадисани и новите прозорци конечно овозможуваат да се проветруваат канцелариите, особено во предизборниот период кога може да имаме проток и до 1200 посетители на ден; имаме и нов канцелариски мебел и опрема. Како резултат на тоа, работата веќе се врши значително побрзо, полесно, и квалитетот на резултатите е подобар“.
ИТ опрема со повисоки перформанси инсталирана во сите 34 ПО
Современа компјутерска опрема и уреди за климатизација беа инсталирани и во ПО Кочани. Канцеларијата се наоѓа во стара зграда без соодветна изолација, со што работата во летно време е практично невозможна. „Бевме пресреќни што ја добивме оваа помош, бидејќи не само што создаде соодветни услови за работа, туку и го подобри квалитетот на нашата работа. Во иднина, нашата работа ќе биде поефективна, поинспиративна и поуспешна во текот на изборните процеси“, вели Снежана Хаџи Паунова, раководител на ПО во Кочани.
Во претстојните месеци, ИФЕС ќе организира и едукативни работилници за вработените во ДИК и во подрачните одделенија, кои ќе се фокусираат на зајакнување на капацитетите на административната служба. Темите ќе опфаќаат управување со изборите, меѓународни и национални искуства, трендови и промени, ефективна организација и комуникација, управување со избирачкиот список, доверливост на податоците, сајбер хигиена и безбедност на изборите и управување со човечките ресурси.
Повеќе за проектот: Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), чија цел е поддршка на демократските и кредибилни изборни процеси кои го олеснуваат политичкото учество и социјалната интеграција, овозможувајќи им на гласачите да изберат свои претставници кои ќе бидат отчетни пред нив.