Фондацијата Импакт Нет од Велес, на 25 јануари 2023 ја организираше трибината Заеднички заложби за трансформативни практики кон зелена и просперитетна општина на која, покрај ученици од средните училишта, учествуваа и дел од општинските советници, пратеници во македонското собрание од Велес, претставници на општината и на граѓанските организации.
Велешките средношколци побараа повеќе засадени дрвца во градот, воспоставување зелен катастар со кој ќе се води грижа за нив и обнова на изгорената шума околу Езеро „Младост“. Говорниците побараа од сограѓаните поретко да ги користат возилата, а почесто велосипедите и електричните тротинети, а од локалната власт побараа да им обезбеди безбедни пешачки патеки. Петре Цилаков, раководителот на секторот урбанизам, заштита на животната средина, комунални дејности, евроинтеграции и локален економски развој информираше за активностите на општината за обновата на постојните и за подигањето нови зелени површини во градот за минатогодишната акција за пошумување над Езеро „Младост“ и за чистењето на неколку диви депонии.
Пратеникот Игор Здравковски појасни дека надлежните прават напори до 2025 да се направи депонија за управување со цврст отпад, а до 2027 пречистителна станица за отпадните води во реката Вардар. Советникот Димитар Абрашев се осврна на амбиенталниот воздух и потребите од повеќе мерни станици во градот. Тој им вети на присутните дека ќе се заложи во Советот да се вработи еколошки инспектор кој редовно ќе ја следи состојбата и навреме ќе алармира за сите нарушувања. „Не е во ред лани за екологија, Општина Велес да вложи 10 милиони денари, за оваа 2023 година тој износ да ги намали на 8 милиони денари“, потенцира Абрашев.
Советничката Елизабета Митревска Анѓелеска, побара од граѓаните да го прилагодат начинот на живеење и потсети на субвенциите кои Општина Велес им дава на граѓаните за купен велосипед и инвертер клима со кои не се загадува амбиенталниот воздух. За важноста на зеленилото зборуваше и Лилјана Поповска од Зелениот институт, којадодаде дека државата треба да биде целосно посветена на имплементација на Европскиот зелен договор и Зелената агенда за Западен Балкан.
Според Стевче Дечев, координатор на проектот, ваквите активности се поттик за младите и нивните очекувања од политичарите, особено ветувањата дадени на последните избори. „Одбравме четири фокус точки: преработката на отпад, јавен градски транспорт, зеленилото и неговиот квантитет и квалитет. Едноставно сакаме да веруваме дека овие ветувања ќе најдат конкретна реализација.
Мобилизаторите на заедницата Стефан Атанасовски Трајковиќ и Благој Ѓорѓиевски истакнаа дека политичките партии, советниците и парламентарците се под будното око на граѓаните и граѓанскиот сектор во спроведувањето на Програмата за животна средина. На трибината, Иван Трифунов го промовираше концептот на Апликацијата: Зелена мапа која ќе биде се доработи со младите и ќе се промовира во март како дел од активностите на проектот.
Трибината е овозможена со проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).