Креираме ли политики кои се засновани на докази? Дали доказите се веродостојни и колку можеме да се потпреме на нив? Дали консултирањето на граѓаните е појдовна точка во креирање веродостојни документи за јавни политики? Како да генерираме позитивни примери за инклузија на лицата со попреченост во политиката? Може ли да им ги доближиме јавните политики на младите, кои се носители на позитивни промени?
На овие прашања се разви дискусија на онлајн конференцијата на тема „Дали креираме политики базирани на докази?“ во рамки на проектот „Поддршка на изборни реформи“ на која учесниците ги поздрави Јоана Косма, директор на ИФЕС и Марија Крстевска, претседател на НМСМ, кои им честитаа на двете генерации од Академијата за јавни политики за постигнатите успеси и завршената програма. Изразија благодарност и до нивните тренери и ментори, кои беа поддршка на подмладоците од политичите партии и заклучија дека младите и од урбаните и од руралните средини најдобро умеат да ги искажат своите ставови и да се изборат што повеќе да се слушне гласот на надоаѓачките генерации.
Преку темелно истражување може ефикасно да се донесат одлуки за креирање политики. Како што истакна професор Вели Кречи, од Факултетот за современи општествени науки на Универзитетот на УЈИЕ и директор на Институтот Макс ван дер Штул, само преку истражувања и во постојан дослух со граѓаните се детектираат вистинските проблеми, кои, преку различни инструменти и модели може да се евидентираат дали се веродостојни докази.
Во креирањето јавни политики базирани на докази, голема улога имаат и Центрите за истражување и анализа во самите политички партии, кои преку користење алатки, како мерење на рејтинзи, правење анкети, компаративни анализи… може да сумираат кредибилни информации.
За тоа како политиките засновани на докази влијаат врз програмата на партиите, говореше Енес Лимани, учесник на првата генерација Академија за Јавни Политики , кој истакна дека денес граѓаните се далеку посвесни од порано. Тие повеќе не веруваат во празни флоскули, сакаат да бидат ислушани нивните барања и да се решат нивните проблеми во заедницата. Инсистираат на конкретна политичка понуда, која во себе содржи програма која ги тангира граѓаните.
Еден од горливите проблеми е инклузија на лицата со попреченост во политиката. За да се подигне свеста кај нас за лицата со попреченост, кои најчесто се користат само како предизборно оружје, а во секојдневиот живот се стигматизирани треба да се водат позачестени јавни дебати и дискусии. Како што истакна Лидија Ѓорѓевиќ, надворешен имплементатор на Иновативна иницијатива, потребно е да се посочуваат позитивни примери од светот за инклузија на овие луѓе. Неопходна е поголема соработка и дискусија помеѓу политичките партии во земјава на оваа тема, видео материјали во кои ќе бидат вклучени лицата со попреченост во кои се слушне нивниот глас, визуелни мотивирачки пораки, изработка на веб страници…
Консултирање на граѓаните е појдовна точка во креирањето веродостојни документи за јавни политики и тоа преку организирање работилници, фокус групи и постојана комуникација особено со младата популација од населението.
Младите луѓе се носители на промени и само со континуирано информирање, меѓусебна интеракција и комуникација можат да им се доближат теми, кои се од значење на заедницата и конечно да се креираат корисни документи за јавни политики е заклучокот од оваа дискусија.