НОВУС: Младите прашуваат, до каде е ветениот Локален младински совет во општина Струмица?

Иновативни иницијативи - мобилизатори на заедницата, Јавни настани, Мобилизатори на заедницата

Нема општина по мерка на младите ако нема Локален младински совет, велат од здружението „Новус“ што организираше симулација на ова тело за младите од Струмица на 26 јануари 2023 година. Во просториите на Домот на АРМ, вкупно 31 учесник имаа можност да видат како треба да изгледа една седница на Локален младински совет и зошто е важно да биде воспоставен и функционален.

Настанот беше наменет за сите граѓани, но фокусот беше ставен на младите. За организаторите, важно е да се подигне критичкото размислување на младите и да се мотивираат да бидат активни креатори на нивната иднина. Еден од начините е да си ги бараат правата кои им следуваат по закон, а во законот, според „Новус“, јасно стои дека секоја општина треба да има функционален Локален младински совет.

„Нашата цел е да видиме каде е насочена младината и со какви проблеми и препреки се соочуваат, за да може заедно да најдеме решенија за тие препреки. Младите треба да бидат сослушани, бидејќи од нив зависи развојот на нашата општина. Со помош на ова симулација, стекнуваме нови искуства и најважно од се, учиме како да донесуваме одлуки. Сакаме да покажеме дека има млади што размислуваат и не им е страв да ги искажат своите мислења”, рече Иван Вангелов, учесник во симулацијата.

За Филип Тодоров, исто така учесник во симулацијата, таа се одвивала добро и може да резултира со формирање вистински Локален младински совет. „Заинтересираноста е прилично голема и поради тоа сум мотивиран да продолжам да се борам и да придонесам за промените кои и се потребни на оваа држава, а кои можат само младите да ги поттикнат“, рече тој.

Од „Новус“ планираат да продолжат со кампања која ќе се одвива под мотото „Инспирирај младинско учество за општина по мерка на младите“, а чија цел ќе биде да ја подигне јавната свест дека и младите се дел од општествените политики и имаат право да учествуваат во нивното креирање. Покрај тоа, планирана е и тркалезна маса со Градоначалникот.

Спроведувањето на активностите е овозможено со проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Галерија