Од 7 до 9 мај ја одржавме завршната работилница во рамките на Академијата за јавни политики. Овој настан претставуваше не само кулминациско достигнување по неколкумесечната посветена работа на учесниците, туку и почеток на примената на нивниот реален ангажман и активизам во заедницата.
Во текот на првиот дел од работилницата, неколку врвни експерти ја презедоа улогата на обучувачи и ги водеа учесниците низ различни тематски предизвици. Првата тема беше посветена на методите на лобирање и застапување во развивањето политики: почнувајќи од зачетоците и развојот на самиот концепт, преку светски прифатените практики, па сè до сликовити практични искуства, учесниците се вклучија во живи расправи за теоретските и практичните аспекти на лобирањето меѓу политичките партии во земјава. Следната тема ја опфати умешноста и техниката на политичкото аргументирање и убедување, при што беа презентирани бројни примери на солидно аргументирање од светската сцена.
Во вториот дел од работилницата, учесниците се запознаа со концептот на проблемски ангажман во заедницата во предизборниот и изборниот период, како и со најефикасните модели на проблемски ангажман со различни групи и со целата заедница. За крај, завршните активности се концентрираа на придобивките од дејствувањето во заедницата и важноста на истото од почетните фази на препознавањето на проблемот до развивањето на решение за истиот.
Со гордост можеме да заклучиме дека, со сите новостекнати знаења и вештини како резултат на оваа серија работилници, подмладоците на политичките парти се не само подготвени, туку и нетрпеливи да започнат со применување на иновативни иницијативи за да одговорат на тековните проблеми и предизвици во рамките на нивните заедници.