Уривање на бариерите: Како Програмата за зајакнување ги отвори вратите на политиката за лицата со попреченост

Анализи/Публикации/Производи, Политички Партии

Кога започнуваат изборните кампањи, политиката често изгледа како игра резервирана за најгласните. Но, во 2025 година, во градови како Струмица, Велес, Гостивар и Куманово, нешто поинаку почна да се случува. За првпат, лицата со попреченост не беа само тема во партиските програми – тие имаа свое место на масата и активно ги обликуваа токму тие програми.

Оваа тивка, но моќна промена беше поттикната од Програмата за зајакнување на Инклузива, спроведена во рамките на Швајцарската програма за поддршка на изборите, со техничка поддршка од Меѓународната фондација за изборни системи – ИФЕС. Во периодот од март до септември 2025 година, иницијативата соработуваше со четири големи политички партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Движењето ЗНАМ, со цел да ги вклучи лицата со попреченост во средиштетот на процесите на одлучување во локалната политика.

Од слушање до водење. Сè започна со слушање. Преку проценки на потребите и консултации, Инклузива ги идентификуваше бариерите што ги исклучуваат лицата со попреченост од политичкиот живот: непристапните простории, недостигот од адаптирани материјали и, пред сè, недоволната свесност кај партиските членови за тоа што навистина значи инклузијата.

Пристапот на програмата беше истовремено практичен и овозможувачки. 20 учесници, меѓу кои и осум лица со попреченост, добија индивидуално менторство и приспособени обуки. Тие научија како да се залагаат за своите права во рамки на партиските структури, да подготвуваат кампањски пораки, па дури и да изработуваат мерки за пристапност за своите локални ограноци.

За многумина, ова беше првпат да бидат третирани како политички актери, а не како корисници на добра волја. Еден учесник од Струмица се присети:

„Сфатив дека не мора да чекам некој друг да зборува во мое име, јас можам да бидам тој што предлага промени.“

Од зборови кон дела. Секоја од партиите учеснички ја постигна инклузијата на свој начин. Во Струмица, огранокот на СДСМ ја постави инклузијата како видлив приоритет: две лица со попреченост беа вклучени на кандидатската листа за советници, а едно лице стана член на раководството на Форумот на жени. Материјалите за кампањата беа печатени во пристапни формати, а видеата со титлови допреа до публика која претходно била исклучена.

Во Велес, огранокот на ВМРО-ДПМНЕ ја интегрираше пристапноста во урбаното планирање. Основното училиште „Панко Брашнаров“ започна со редизајн на училишниот двор со инклузивни елементи за игра, додека сензорните соби во основните училишта станаа дел од образовниот пејзаж на градот. За првпат, кандидат за градоначалник јавно се идентификуваше како лице со дислексија, покажувајќи дека инклузијата има многу страни.

Во Гостивар, Алијансата за Албанците даде пример за партиципативно креирање политики. Лицата со попреченост учествуваа во обликувањето на локалната изборна програма на партијата, осигурувајќи се дека инклузивното образование, пристапните тротоари и социјалните услуги ќе станат општински приоритети.

А во Куманово, Движењето ЗНАМ ја однесе пораката чекор понатаму. Нивната локална изборна програма предвиде „град без бариери“: од тактилни патеки и звучни сигнали, до пристапни автобуси, спортски сали и дигитални услуги. Главниот настан во кампањата беше целосно пристапен, со толкувач на знаковен јазик, а на нивната листа беше вклучено и младо лице со попреченост, веќе активно во раководството на Клубот на млади на партијата.

Ефект кој оди подалеку од програмата. Бранот на инклузија се прошири подалеку од првично очекуваното. Инспирирани од програмата, неколку независни кандидати и помали партии започнаа доброволно да преземаат чекори кон пристапност, преку изработка на видеа со титлови, вклучување кандидати со попреченост на листите и јавно преземање обврски за еднаквост.

Меѓу нив беше и Горан Стојковски – Диро, независен кандидат за градоначалник во Куманово, чија кампања вклучи слеп кандидат кој укажуваше на реалните бариери за мобилност во градот. Овие чекори можеби изгледаат мали, но тие симболизираат нешто многу поголемо: будење на политичката свест дека инклузијата на лицата со попреченост е дел од демократската кредибилност.

Што се промени и што следува понатаму. Промените ретко се случуваат преку ноќ, но симболиката е јасна. Политичките ограноци станаа посвесни, изборните програми за 2025 година беа поинклузивни, а лицата што некогаш беа гледани како аутсајдери сега се препознаени како активни придонесувачи.

Преку менторството, Инклузива помогна инклузијата да се трансформира од апстрактен идеал во збир на мерливи и практични активности: изградени рампи, видеа во кампањите со титлови, пристапни состаноци и нови простори за дијалог.

Лекциите се едноставни, но значајни: кога на лицата со попреченост им се даваат можности и алатки за учество, политичките партии одговараат со отвореност. Меѓупартиската работилница, на која претставници од различни политички опции заедно разговараа за пристапноста, покажа дека инклузијата може да биде и мост за надминување на политичките поделби.

Сепак, предизвиците остануваат. Не сите партии се движеа со исто темпо, а ограничените ресурси го намалија ангажманот на некои учесници. Но, како што истакна еден ментор од Инклузива:

„Најважниот чекор веќе се случи, луѓето сега ја гледаат инклузијата како нешто возможно, а не само како опционално.“

Повик за продолжување на замавот. Програмата за зајакнување покажа дека инклузијата напредува таму каде што посветеноста се среќава со можноста. Нејзините резултати не треба да останат еднократни успеси, туку да послужат како основа за иднината.

Проширувањето на менторството, интегрирањето на инклузијата на лицата со попреченост во националните партиски програми за обука и обезбедувањето континуиран мониторинг се клучни следни чекори. Како што се заклучува во извештајот, вистинскиот успех на оваа иницијатива не лежи само во она што беше постигнато во 2025 година, туку во промената на начинот на размислување што ја поттикна низ целиот политички спектар во државата.

Работата на Инклузива докажа дека политичкото учество на лицата со попреченост не е услуга, туку тоа е право, демократска неопходност и извор на сила за општеството во целина.

„Инклузијата не е хуманитарност. Таа е демократија во акција.“

Приказната за Програмата за зајакнување е потсетник дека секоја пристапна рампа, секое видео со титлови и секоја кандидатска листа што вклучува лице со попреченост ја раскажува истата приказна, приказна за демократија што конечно почнува да личи на луѓето што ги претставува.

Автор: Адаптирано од Финалниот извештај на Инклузива (2025)

Одрекување од одговорност: Програмата за поддршка на изборите е проект на Владата на Швајцарија имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Содржината во оваа приказна на никаков начин не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија и на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).

Галерија