Тркалезни маси: Учеството на лицата со попреченост во изборните процеси

Зајакнати институции спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси, Настани

Од 28 до 30 март во Скопје, Куманово и Гостивар се одржаа серија од три тркалезни маси на тема учество на лицата со попреченост во изборните процеси. Овие настани беа планирани да ги вклучат засегнатите страни во истражување на можностите и опциите за постигнување на поправедна застапеност на лицата со попреченост во изборните процеси, со цел да се придонесе не само кон подобри законски и политички решенија за лицата со попреченост, туку и кон подобро општество за сите.

Имајќи ги предвид овие цели, на тркалезната маса беа презентирани мислењата на претседателот и потпретседател на Државната изборна комисија, Александар Даштевски и Дитмире Шеху, во врска со неодамнешните и тековните заложби на ДИК. Црпејќи од сознанијата за етиката и интегритетот на изборниот процес поврзани со лицата со попреченост, Маргарита Цаца Николовска, претседател на Институтот за човекови права, се осврна на препораките за

обезбедување демократски изборен процес кој ги исполнува овие критериуми. Воедно, Благица Димитровска, претседател на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузив, го насочи вниманието кон минатата и досегашната улога на граѓанскиот сектор во постигнувањето реални резултати во унапредувањето на политичките и изборните перспективи за лицата со попреченост.

Настаните се покажаа како плодна почва за продуктивна дискусија и размена на согледувања со учесниците, меѓу кои беа и членови на Собранието и Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, претставници на Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, Народниот правобранител, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, членови на општинските совети на Куманово и Гостивар, претставници на политичките партии и граѓански организации, вклучително и организации на лица со попреченост.

Посетете ја нашата галерија за повеќе информации од овие настани.

Тркалезната маса е дел од проектот Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија на Владата на Швајцарија, имплементиран од ИФЕС.

Галерија