Три генерации на Академијата за јавни политики на студиска посета на Загреб, Република Хрватска

Млади од политички партии, Настани

Триесет и тројца учесници од сите три генерации на Академијата за јавни политики (АЈП) беа дел од студиската посета на Загреб, Република Хрватска, во периодот од 7-12 мај, 2023 година.

Студиската посета им овозможи на учесниците од АЈП да се запознаат со различни политички и институционални начини на функционирање на политичките системи во Хрватска. Посетата беше организирана во соработка со Форумот за разумни политики (ФРП) од Скопје и неговата хрватска партнерска организација, Академијата за политички развој (АПР), реномирана асоцијација која организира школи и семинари за млади политичари во Хрватска.

Учесниците од АЈП кои претставуваа 10 политички партии од Северна Македонија (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП, ДОМ, ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса, Движење за национално единство на Турците, Партија на Власите) и една граѓанска иницијатива „За нашето Куманово“, во текот на првиот ден од посетата на Загреб присуствуваа на конференција на поранешни студенти на АЈП и АПР.

Конференцијата опфати две важни теми: Политичко учество, партиска политика и развој на јавните политики во Југоисточна Европа и Партиски подмладоци – учење едни од други за создавање подобри општества. Темите предизвикаа многу интересни дискусии меѓу учесниците, кои дебатираа за предизвиците и можностите во нивните политики и важноста на соработката помеѓу различните политички партии.

Во текот на престојот во Загреб, учесниците од АЈП остварија средби со најголемите политички партии во Хрватска, односно со Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП) и Хрватската демократска заедница (ХДЗ), од кои слушнаа за партиските идеологии, употребата на алатките за јавна политика, стратегиите за односи со јавноста и позицијата на младинските форуми, како и нивните активности.

Покрај тоа, нашите учесници истражуваа некои од најинтересните и уникатни аспекти на хрватската култура и политика, на средба со пратеникот Марин Милетиќ, член на движењето МОСТ, во зградата на хрватското Собрание. Потоа следуваше средба со градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ (поранешен студент на АПР), на која учесниците од АЈП разговараа за локалната политика и локалните избори, политичката кампања и успехот на политичката партија „Можемо“ на последните локални избори.

Во текот на четвртиот ден од посетата, учесниците имаа привилегија да го посетат Кабинетот на Претседателот и да остварат средба со Претседателот на Република Хрватска, Н.Е. Зоран Милановиќ. Главна тема на разговорите беше европската перспектива на земјите од Југоисточна Европа, со посебен акцент на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската унија како полноправна членка.

Во областа на лобирањето и комуникациите, поранешните студенти на АЈП се сретнаа со неколку агенции за комуникација и односи со јавноста, со кои разговараа за најновите трендови во односите со јавноста, маркетингот, стратешката и кризната комуникација, дигиталниот маркетинг, како и за важноста на интеграцијата во ЕУ и придобивките од ефективното лобирање.

Галерија