Се одржа јавна расправа за интензивирање на соработката помеѓу младите и локалната власт

Јавни настани, Мобилизатори на заедницата

Колку Законот за младинско учество и младински политики е во фокусот на новите градоначалници на град Скопје и скопските општини? Што е преземено досега и што ќе се преземе по ова прашање во иднина? Колку младите се вклучени во процесот на донесување одлуки? Дали постои соработка помеѓу младите и локалната власт?

Овие прашања беа разгледани на јавната расправа што се одржа денеска на иницијатива на младинската организација „Младите можат“, како дел од проектот „Поддршка на изборните реформи“. Говорници на настанот беа дел од новите градоначалници на општините на територијата на Скопје: Тимчо Муцунски (градоначалник на општина Аеродром), Бобан Стефковски (градоначалник на општина Гази Баба) и Павлина Рибарка (претставник од општина Кисела Вода).

Како општина која ја вреднува неопходноста од соодветни места за личен и социјален развој на младите, општина Аеродром е веќе во процес на формирање локален младински совет, со чие отворање е предвидено да се отпочне и имплементацијата на активностите предвидени во Законот. Се очекува преку советот да се подобри инфраструктурата во образовните установи во општината, да се формираат центри за иновација и обука, за кариера на младите, но и да се отворат теми, како до поуспешна деловна и академска заедница и како до повеќе зеленило и подигнување на свесноста за рециклирање.

Локален младински совет во општина Гази Баба бил формиран уште во 2014 година, а во престојниот период замислата е да се обнови мандатот и да се формира нов совет. За да профункниоцира советот, предходно, неопходно е и да се усогласи Законот за младинско учество со статутот на општината, која пак, располага и со Центар за култура во Автокоманда, но поради неговата нефункционалост ќе инвестира во негова целосна обнова. Во план е и реконструкција на канцелариите за млади во Ченто и во Колонија, а со поддршка на УСАИД ќе се отвори и канцеларија за млади во Стајковци.

Иако, во општина Кисела Вода во минатото постоел младински совет, тој досега не профункционирал, па затоа со назначување на службеник, општината најавува отворање на ваков совет, кој ќе биде посредник помеѓу општината и младите, чија задача понатаму ќе биде поактивно да се дискутира на горливи теми како загадениот воздух, екологија и нови технологии.

Галерија