Вкупно 19 претставници на 14 граѓански организации од Делчево беа дел обуката „Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер“ која се одржа на 23 декември 2022 година во просториите на КХАМ Делчево. Со вештините стекнати на обуката се зајакнува капацитетот на организациите во користење на оваа алатка која може да им обезбеди повеќе информации важни за нивното работење. Таа исто така им обезбедува аргументирано да застапуваат во интерес на своите целни групи.
Главното ветување за граѓанските организации во предизборниот период беше креирањето стратегија за соработка со ГО за периодот 2022 – 2025 година. Покрај тоа, локалната власт вети дека континуирано ќе ги зголемува средствата наменети за поддршка на организациите кои ќе се доделуваат транспарентно. На ова се должат и реакциите на учесниците на обуката дека веќе две години не е објавен повик за финансирање на граѓански организации, а од друга страна, преку Советот на општината, повремено се доделуваат средства за некои организации.
Пред оваа обука, учесниците не биле свесни за можностите што им ги нуди пристапот до информации од јавен карактер. Изненадена од ова сознание, Перса Стојанова од здружението „Пијанечки глас“ праша „Значи јас можам следната недела да поставам прашање до Општината, колку средства се доделени и на кои граѓански организации во периодот од јануари до крајот на ноември 2022 година?“. Слично беше размислувањето и на активистот Харис Јашаров. „Значи имам право да побарам копија од фактурите за санирање на мојата улица?“.
Сите се согласија дека оваа алатка е корисна како за организациите така и за граѓаните. Тие заклучија дека е потребно да се направи притисок врз општината да ги исполни ветувањата кои ги дала. КХАМ Делчево и учесниците се договорија следните две обуки „Буџетски мониторинг“ и „Отворени финансии“, да се одржат веднаш по завршувањето на празниците.