29 претставници на подмладоците на 14 политички партии од целата држава учествуваа на мултипартискиот рурален еко хакатон, организиран во рамките на Швајцарската Програма за поддршка на изборите, од страна на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид. Настанот заврши со потпишување на првата заедничка Декларација за рурален развој, документ кој ја обединува визијата на младите политички лидери за поодржливи и просперитетни рурални заедници.
Декларацијата е резултат на тридневен интензивен процес на ко-креирање, во кој младите учесници, преку тимска работа и поддршка од експерти, подготвија конкретни препораки за:
- Локални еколошки ризици – управување со отпад и диви депонии;
- Заштита на природни ресурси и локални екосистеми;
- Климатски промени и нивно влијание врз земјоделството и руралниот живот; и
- Младински екотуризам и можности за рурален претприемачки развој.
Со потпишувањето на Декларацијата, политичките подмладоци ја демонстрираа својата зрелост и одговорност, испраќајќи јасна порака дека клучните предизвици во руралните заедници се поважни од партиските разлики. Нивната заедничка визија е иднината на руралните средини да биде заснована врз одржлив развој, меѓусебна соработка и конкретни решенија за граѓаните.
Овој документ претставува иницијална каписла, почеток на процес во кој идеите и препораките на младите ќе бидат понатаму развиени и вградени во идните изборни програми и политики за рурален развој. Со оваа декларација младите покажаа дека се подготвени не само да дискутираат, туку и да дејствуваат, да постават темели за политики што ќе им служат на заедниците и ќе обезбедат подобар живот за сегашните и идните генерации.