КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА АЛУМНИ: Зајакнување на ангажирање на заедницата и политичкото лидерство

Иновативни иницијативи - политички партии, Млади од политички партии, Настани

Ни причинува задоволство да го објавиме успешното завршување на Конференцијата за алумни организирана од Академијата за јавна политика (АЈП). На настанот, кој се одржа во Скопје, на едно место се собраа ценети говорници, влијателни лидери и посветени алумни за да се поттикнат дискусии за учеството на заедницата, политичкото лидерство и владеењето на правото.

Конференцијата започна со поздравни говори на истакнати гости: Џевахире Прути Зајази од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, Јоана Косма од Меѓународната фондација за изборни системи и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики. Нивните зборови одекнаа кај учесниците, нагласувајќи го значењето на креирањето јавни политики, активното граѓанско учество и стремежот кон демократските вредности.

Главниот говор го одржа Мирјана Лазарова Трајковска, позната судијка од Врховниот суд и поранешна судијка од Европскиот суд за човекови права. Нејзиното предавање за владеењето на правото предизвика интересни дискусии меѓу учесниците, појаснувајќи ја неговата важност во оформувањето на праведно општество.

Друга сесија која поттикна размислување, ги проучуваше граѓанските иницијативи и уметноста на лобирањето на политичарите за учество во заедницата. Ценетите лидери на успешни локални иницијативи, меѓу кои Јована Тозија од иницијативата „На точак“, Никола Писарев од различни „герила“ активности за урбана уметност и Мерита Максути од иницијативата „Подобро за Тетово“, ги споделија своите искуства, предизвици и предлози за идно учество на заедницата.

Со панел дискусијата на тема „10 години потоа: кога бевме помлади…“ темелно се анализираше реалноста на политичкиот живот и соработката меѓу партиите во Општинските совети. Горан Герасимовски и Ридван Ибрахими, ценети градоначалници од општините Центар и Арачиново, дадоа вредни согледувања за локалните предизвици и јазот меѓу идеалите и реалноста.

Во сесијата за презентации, девет алумни имаа можност да ги претстават своите документи за јавни политики, за учество на заедницата, пред истакнато жири, вклучително двајца градоначалници и Афердита Хаџијаха Имери, претставник на Меѓународната фондација за изборни системи. Жирито ги оцени презентациите, даде предлози и поени, што дополнително ги охрабри учесниците во нивните благородни потфати.

Конференцијата заврши со церемониата на доделување на сертификати за сите дипломирани/алумни од третата генерација на АЈП.

За да се надополни настанот со содржина од забавен карактер, беше организиран Тривија квиз/Бинго како настан за дружење, што овозможи весела и пријатна атмосфера за сите учесници.

Би сакале да упатиме срдечна благодарност до сите говорници, панелисти, учесници од сите три генерации на Академијата за јавни политики и организаторите што придонесоа за извонредниот успех на оваа Конференција за алумни. Заедно, посветени сме на зајакнување на граѓанското учество, поттикнување политичко лидерство и создавање посветла иднина за нашето општество.

Академијата за јавни политики е активност на проектот Поддршка на изборните реформи кој е финансиран од Владата на Швајцарија, а го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (IFES).

 

Галерија