Подмладоците на политичките партии во државата треба да бидат поактивни во осмислувањето и донесувањето одлуки

Млади од политички партии

26 претставници од 11 политички партии и една граѓанска иницијатива учествуваа на работилница на Академијата за јавни политики, во рамките на проектот „Поддршка за изборни реформи во Северна Македонија“ поддржан од Владата на Швајцарија и реализиран од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES).

Преку низа работилници учесниците во Академијата за јавни политики ќе се запознаат со клучните составни делови на политичкиот систем во државата, улогата на политичките партии, идеологии (и како истите се претвораат во политичка понуда), важноста на учеството на жените и младите во политиката и политичките партии, комуникации и застапување.

Проектот има за цел да ја засили довербата во изборите преку поддршка на институциите и актерите поврзани со изборите, и притоа се поттикнува поголемо учество на младите и различни ранливи групи во изборните и политичките процеси. АЈП е еден од начините за придонесување кон остварувањето на оваа цел, бидејќи ги гради капацитетите на членовите на подмладоците на политичките партии за изработка на јавни политики поткрепени со докази кои ги земаат предвид специфичните потреби на граѓаните.

„И покрај тешкотиите, веруваме дека една организирана и добро спремна младина може да направи разлика во политиката. Затоа, должност е на сите влади и институции е да ги вклучат младите во процесите на донесување одлуки. Младите се оние чија иднина е засегната од денешните политики. Секоја земја мора да најде свое решение како да ги охрабри младите да се вклучат во политиката и да ги вклучи во креирањето политики, особено за теми кои директно ги засегаат. А младите треба да се борат да ги артикулираат своите барања и очекувања и да ги убедат носителите на одлуки да ги слушаат. Без активно вклучување на младите во политиката, ќе биде тешко да се промовираат структурни промени и да се создадат нови перспективи за младите. “, изјави Н.Е. Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија.

IFES

Покрај проширувањето на нивните знаења низ градење капацитети, проектот нуди и насочување и менторство за утврдување на темите и прашањата што ги засегаат локалните заедници, изработка на документи за јавни политики со кои се нудат можни решенија, комуникација со засегнатите чинители и работа со партиските раководства.

На претставниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Левица, ЛДП, БЕСА, Алтернатива, Алијанса за Албанците, Партија на власите, Движење за национално единство на Турците, ДОМ и граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ им се советува да ги вклучат младите во нивните внатрешни процеси и структури, што ќе придонесе кон поголемо политичко учество и општествена интеграција, како и веродостојни избори.

Ова е третиот циклус на Академијата за јавни политики организиран во рамките на проектот. Првите два циклуси се одржаа во текот на 2020 и 2021 година, на теми поврзани со изборите и создавање капацитети за изборни програми што се ориентирани кон граѓаните и поткрепени со докази, како и обраќање кон локалните заедници.

Галерија