Повик за поднесување на апликации за учество на Академијата за јавни политики

Млади од политички партии, Работилници и обуки

ЗА АКАДЕМИЈАТА ЗА ЈАВНИ ПОЛИТИКИ

Академијата за јавни политики (АJП) е наменета за претставници на подмладоците на политичките партии во Северна Македонија со цел едуцирање и подигање на идни политички и општествени лидери, опремени со општи и специфични вредности и знаења за политичките процеси во земјата.
Целта на АJП е да ги охрабри и едуцира младинските партиски членови да придонесат кон подобро изразување на нивните идеи и концепти за подобро општество и плурален демократски јавен простор. Академијата има за цел и да ги подучи и подготви учесниците за изборите и целокупниот изборен процес. Учесниците ќе научат како се креираат јавни политики, како се влијае врз нив, и како да применат приод заснован на докази во креирањето на јавните политики.

Академијата ги содржи следните компоненти:
• Четири сеопфатни-тридневни работилници;
• Менторство и обука за изработката на краток документ за јавни политики;
• Ангажирање со локалните заедници и/или засегнатите чинители за релевантните
прашања преку тематски дебати и дискусии;
• Студиска посета во регионот или во некоја држава од Европската Унија (предуслов
за учество на последната студиска посета во странство е завршување на сите активности на Академијата, вклучително и работилниците).

На Академијата ќе бидат ангажирани предавачи од различни страни на општествениот спектар – академици, врвни креатори на политики и одлуки, сегашни/поранешни министри, извршни директори, пратеници или високи државни службеници. Програмата ќе биде зајакната и со вклучување на предавачи од граѓанскиот сектор и културата, како и етаблирани обучувачи од странство.
Учесниците на АЈП исто така ќе имаат можност за вмрежување со домашни јавни и приватни креатори на политики, и со меѓународни организации лоцирани во Северна Македонија (ОЕЦД, УНЕСКО, итн.) и низ светот.

КРИТЕРИУМИ ЗА УЧЕСТВО:
• Да бидат претставници од подмладоците на политичките партии (до 29 години);
• Да не учествувале на иста или слична Академија;
• Да имаат искуство во областа на општествените науки и дисциплини (политички
науки, економијата, социологија, меѓународни односи, култура, филозофија итн.);
• Да поседуваат силни аналитички вештини и способност за тимска работа;
• Познавање на англиски јазик ќе се смета за предност;
• Работно искуство ќе се смета за предност.
За да се стекнат со сертификат, избраните кандидати мора да бидат посветени во сите компоненти на програмата:
• Активно учество во сите активности на Академијата;
• Изработка на Документ за јавни политики;
• Презентирање на Документот за јавни политики во рамките на партијата;
• Ангажирање со локалните заедници и/или засегнатите чинители на теми
поврзани со Документот за јавни политики.

ШТО ЌЕ ДОБИЈАТ УЧЕСНИЦИТЕ ВО АКАДЕМИЈАТА ЗА ЈАВНИ ПОЛИТИКИ?
• Темелно и структурирано познавање на политичките процеси во државата, улогата на политичките партии во плурален контекст, важноста на изборите и изборниот процес, креирање на јавни политики и начини на нивно спроведување, техники и вештини за комуникација, јавен настап и дебатирање.
• Материјали за обука, разни анализи и документи за јавни политики како поткрепа на знаењето и искуството споделено од страна на домашни и меѓународни експерти и обучувачи;
• Менторство и индивидуална поддршка во подготовката на документите за јавни политики фокусирани на решавање на потребите на граѓаните;
• Можност за промовирање на политики преку презентации пред засегнатите заедници и во самата политичката партија;
• Можност за унапредување на знаењата и индивидуален кариерен развој како политичар/ка или иден/а лидер/ка, но и за вмрежување, дискутирање и споделување на идеи со колегите политичари од политичките партии во земјата;
• Признание од Швајцарската амбасада преку доделување на сертификат за учество;
• Можност да се биде дел од регионални настани со млади лидери, но исто така да се учествува во меѓународна размена и студиска посета на земји кои спроведуваат слични политики и активности во заедницата;

ВРЕМЕНСКА РАМКА

Спроведувањето на активностите за третата генерација на учесници ќе се одвива во периодот од септември 2022 до јуни 2023 година.

Сите заинтересирани кандидати треба да ја пополнат апликацијата на следниот линк најдоцна до 5 септември, 2022.

Кандидатите ќе бидат известени за нивниот избор до 12 септември 2022 година. Од селектираните кандидати може да се побара да учествуваат во кратко интервју на телефон или Zoom.

НАПОМЕНА: Само кандидатите кои ќе влезат во потесниот круг ќе бидат контактирани за интервју.
При изборот на најдобрите кандидати за учество на Академијата ќе се има предвид политичката, етничката, родовата, географската и социјалната застапеност на учесниците.

Првата обука ќе се одржи на 30 септември – 02 октомври, 2022 година, во хотел Радика, Леуново.
Сите трошоци за оваа програма (вклучувајќи патување, сместување и оброци) ќе бидат покриени од страна на организаторот.

ПРАШАЊА?
Доколку имате прашања поврзани со процесот на апликација, може да нè контактирате на следниот email: cvetanka@frp.mk

ЗА ПРОЕКТОТ „ПОДДРШКА НА ИЗБОРНИТЕ РЕФОРМИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“
Академијата за јавни политики е дел од проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) и нејзиниот партнер Форум за разумни политики.
Главната цел на проектот е да поддржи демократски и кредибилни изборни процеси со кои ќе се олесни политичкото учество и општествената интеграција, овозможувајќи им на гласачите слободно да ги изберат своите претставници и да ги повикаат истите на одговорност.
Проектните активности целат кон постигнување на три резултати:
• Зајакнати институции кои спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси;
• Внатрешно демократизирани политички партии кои презентираат политики и
изборни програми ориентирани кон граѓаните;
• Зајакнати граѓани кои повикуваат на одговорност од политичките партии и
избраните функционери.

Корисници на проектот се органите за спроведување на изборите на сите нивоа; Владините институции какви што се: Министерство за информатичко општество и администрација, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државен завод за статистика, Народен правобранител, Државен завод за ревизија, Министерство за внатрешни работи, Министерство за правда; политички партии, граѓански организации, граѓани и гласачи.

Проектот започна со имплементацијата на Главната фаза 1 во август 2019 година и се очекува да заврши во јуни 2023 година.

Галерија