Кои се болните точки на културните институции? Во колкава мера проблемите со несанирани и дотраени делови од објектите директно ги чувствуваат не само вработените, туку и публиката и посетителите? Како да се подигне свеста, не само на владините институции, туку и на самите граѓани кон заштита на културното наследство?
Културата и уметноста воопшто се најдобриот амбасадор на нашата државата во светот. Ако сите како заедница сме горди на регионалните и светските успеси на нашите уметници и историчари на уметноста, тогаш на овие институции треба да им биде овозможено и достојно да функционираат, се клучните адути на нашиот мобилизатор Лилјана Танчева, која одлучи да ја следи мерката „Реконструкција, санација, адаптација и изградба на објекти, кои се користат во областа на културата“ како дел од проектот „Поддршка на изборни реформи“.
Ова е редовна мерка на годишните Програми на Владата на Република Северна Македонија. Во мерката секоја година се јавуваат институции кои имаат потреба од санација или реконструкција на одредени делови, понекогаш клучни за основно функционирање на институцијата. Во фокусот на нејзиниот мониторинг беа: Национална филхармонија, Национална Галерија – објект Мала станица, НУ Музеј на Македонија, НУЦК Антон Панов, Струмица и Народен театар Ј.Х. Џинот, Велес. За овие пет институции од вкупно четиринаесет за кои се предвидени средства од Владата, како спроведувач и изведувач се јавува самото Министерство за култура.
„Се одлучив да креирам документарец, како активност од иницијативата за информирање на заедницата за резултатите од мерката затоа што филмот е форма која дозволува за кусо време да се прикажат состојби, ставови и факти – и визуелно и наративно“ вели Танчева.
Преку нејзиниот видео запис таа ги опфати сите засегнати страни, Министерството за култура, како надлежно за изведување на работите кај петте институции, кои беа во фокусот на следењето на мерката и раководства на засегнатите институции и како тие се справуваат на терен со проблемите.
„Наталожените проблеми како протекување на кровови, незагреани сали, дотраени столчиња, ризични струјни кола, гнили сценски даски…. се основни потреби за нормално функционирање на овие институции. Поради оваа дефицитарност, дел од институциите не можат да аплицираат за настани од светски размери, поради неисполнување на основни услови за работа, како оптимална температура на простории или моќност на струјата за светло и звук. За жал, ова се главните причини на проблемите во културата. Доколку се надминат би можеле да продуцираме поквалитетни настани“ е заклучокот на нашата мобилизаторка.
Целта на овој мониторинг и иницијатива за мобилизација на заедницата беа да се потсетат надлежните да се занимаваат посериозно со ова прашање, затоа што културата е двигател на едно општество, која не претставува пред светот. Една од целите беше и да се види дека граѓаните и граѓанскиот сектор будно ги следат институционалните активности, а публиката заслужува топла и достојна концертна и театарска сала и поставки од светски ранг.