Како дел од проектот „Поддршка на изборните реформи“ на Швајцарската Влада, кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) изминатите две години беа спроведени повеќе иницијативи со цел поинклузивни и подемократски изборни процеси раководени од зајакната организација на изборите, кои се одблизу набљудувани од граѓаните.
Мобилизаторката Деспина Ковачевска изминатата година ја спроведуваше иницијативата ,,Имаме вакво нешто”, преку која ја потсети централната власт за ветената реставрација на скопскиот аквадукт.
– Во рамки на иницијативата беше одржана тура на скопскиот аквадукт со археологот Оливер Бојаџиев, додека нашиот познат уметник Матеј Богдановски изработи стрип за деца. Истиот беше промовиран на работилници во училиштата за да може и најмалите да се запознаат со нашето културно богатство, но и да се зајакне нивната свесност за барање на отчет од избраните политичари за ветеното и сработеното. Властите беа отворени да дадат информации за реставрацијата и беше донесен закон кој го става аквадуктот како културно наследство од особено значење, истакна Ковачевска.
Во текот на 2020 и 2021 година, Ана Клесова, сертифициран работник со млади, ја спроведе иницијативата „Преку границите”. Преку оваа иницијатива, Клесова вршеше мониторинг на ветувањето на Владата за повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога – Лемос, дел од мерките за надворешна политика од владината Програма 2020-2024.
Важен дел од иницијативата беше и мобилизацијата на заедницата по ова ветување, чија цел беше да се зајакне прекуграничната соработка, но и размената на идеи и искуства меѓу младите од Северна Македонија и Грција. Со иницијативата беше опфатен цел Југоисточен плански регион и активностите во истата се спроведуваа во повеќе градови како што се Валандово, Гевгелија и Струмица.
Ардонит Исмаили од Тетотво, пак, преку иницијативата „Шар планина – Our Natural Home“, ја следеше имплементацијата на Предлог-законот за прогласување на дел од Шар планината за национален парк и мобилизирање на заедницата за неговата важност, за економско-туристичките придобивки и важноста за развојот на општеството.
-Преземените активности за иницијативата „Шар планина – Our Natural Home“ беа тесно поврзани со постигнувањето на нашата цел. Првично, како мобилизатор на заедницата, го следев Предлог-законот за прогласување на дел од Шар планината за Национален парк, до неговото гласање во Собранието на Северна Македонија, а потоа и формирањето на установите на Дирекцијата на Националниот парк Шар планина. Организирав и јавна дебата во туристичкото место Попова Шапка, помеѓу жители од селата на Шар планина и панелистите (еколошки активисти и државни институции), кои разговараа за предизвиците, важноста, придобивките и управувањето со Националниот парк Шар планина. Потоа следуваше подготовка и поставување на информативни табли, во туристичкиот локалитет „Водопадите на селото Камјан“ и паркот „Тек Душку“, чиј туристичко место беше уреден по иницијатива на локалната заедница. Мојата иницијатива беше дел изборните ветувања за парламентарните избори во 2020 година, а потоа и дел од владината програма на Владата на Северна Македонија за 2021 година, со среден приоритет, вели Исмаили.
Јетмир Зиба е млад мобилизатор кој преку својата иницијатива минатата година успеа да ги мобилизира младите од општина Струга за можностите и субвенциите кои Владата ги дава за секој отворен бизнис и самовработување.
Тој вели дека навистина било предизвик да се спроведе иницијативата во време на Ковид-19, а на младите мобилизатори им порачува да аплицираат за новиот повик „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, бидејќи претставува уникатна можност да се учи од одличен тим од експерти.
– Локалните власти беа на располагање да присуствуваат на состаноци и да обезбедат потребни информации поврзани со мерката. Имајќи ја предвид природата на иницијативата, односно мерката самовработување, најважен актер за соработка беше Агенцијата за вработување. За жал, поради зголемување на бројот на случаите со Ковид-19 и брзото ширење на вирусот, вработените во Агенција за Вработување, и покрај нивната посветеност, не беа во можност да ни организираат прием за состаноци во нивните канцеларии. Следствено, состаноците се организираа преку онлајн алатки, односно онлајн состаноци и телефонски повици, појаснува Зиба.
Со вкупна сума од 6.600.000 денари преку проектот на Швајцарската Влада „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), објави и нов повик за доделување грантови за иновативни иницијативи.
дложените иновативни иницијативи ќе идентификуваат прашања во заедницата за кој било ветено решавање или, пак, решение за кое било ветено остварување во изборната програма од страна на локалната власт и/или е вклучено во тековната програма на локалната самоуправа, и да ја мобилизира заедницата да ги потсети локалните власти на нивните дадени ветувања. Тие треба да се фокусирани на локални прашања чие решавање е во надлежност на локалната власт.
Избраните 25 грантисти се од сите осум региони, а ќе делуваат локално и на ниво на градот Скопје. Вкупната поддршка за овие иновативни иницијативи za 2022/2023 година изнесува 7.500.000 денари.