ПИАЦ треба подобро да се интегрира во работењето на политичките партии и осмислувањето јавни политики

Истражувачки и аналитички центри

Интервју со Лолита Цигане, меѓународен консултат за јавни политики

Како експерт, со професионално искуство во доменот на јавните политики, Цигане е меѓународен консултант на теми поврзани со финансирање на политички субјекти и активности, избори, изборна корупција и добро управување.
Во Северна Македонија за првпат работела во 2009 година со набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР, така што одлично и е познат нашиот политички терен и прашањата со кои се соочуваме.
Минатата година, престојуваше во службена посета на Скопје, каде оствари средби со претставници на Истражувачко-аналитичките центри (ИАЦ) на четирите најголеми политички партии, за да им помогне на раководителите и активистите на политичките партии како да креираат поуспешни јавни политики во корист на нивните гласачи.
Наскоро, повторно ќе одржи работилница со ИАЦ на тема како да се подобрат нивните истражувања и да се надминат слабостите

1.
Поседувате импозантно професионално искуство и низа успеси на различни полиња. Досега имате работено како новинар, аналитичар за јавни политики, а бевте активна и во политиката. Во моментов работите како меѓународен консултант на теми како што се финансирање на политички субјекти и активности, избори, изборна корупција и добро управување. Што е првенствено во фокусот на вашиот интерес и работа?

Мојот првенствен професионален, но и личен интерес е всушност демократијата. Родена сум во годините на советската окупација на мојата сега независна земја, која е и членка на ЕУ и НАТО – Латвија. Се сеќавам како тоталитарниот режим со својата потполна контрола и немањето на основни слободи го труеше животот на моите родители, роднини, и нашиот круг на познанства. Слободата и демократијата им овозможуваат на луѓето да просперираат, а правични избори, добро управување и граѓанско учество ја прават демократијата одржлива, инклузивна и долготрајна.

2.
Ова не ви е прво запознавање со политичката сцена во Северна Македонија. Во 2021 година престојувавте во службена посета на Скопје, каде остваривте средби со претставници на Истражувачко-аналитичките центри (ИАЦ) на четирите најголеми политички партии во земјава. Која беше целта на таа посета и какви се вашите впечатоци?

Целта на мојата посета во 2021 година беше да им помогнам на раководителите и активистите на политичките партии да сфатат до кој степен и на кои начини сознанијата за потребите и желбите на нивните гласачи им помага на партиите да осмислат поуспешни јавни политики и изборни кампањи. Работевме на начини за систематско собирање и аналитика на таквите сознанија. Прекрасно беше да се види колку претставниците на политичките партии се ангажираа во оваа работа, и сметаа дека може да им послужи да осмислат кампањи со посуштинска содржина што истовремено се и попривлечни и позабавни. Инаку, во Северна Македонија за првпат работев во 2008 и 2009 година со набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР, така што доста добро ми е позната вашата земја и прашањата со кои се соочувате.


„Слободата и демократијата им овозможуваат на луѓето да просперираат, а правични избори, добро управување и граѓанско учество ја прават демократијата одржлива, инклузивна и долготрајна“

3.
Во февруари повторно ќе дојдете во Скопје. Можете ли да ни кажете повеќе за целта на вашата претстојна посета?

По секој успешен експеримент треба да се направи преглед на извлечените поуки. Тоа е единствениот начин да се оствари напредок. Ќе работиме со ИАЦ за да разбереме на кои начини нивните истражувања на мислењата на гласачите донеле придобивки за јавните политики предложени од политичките партии и кампањите за локалните избори, какви предности или слабости се воочени, што би требало да се подобри во иднина итн.

4.
На кој начин треба да се зајакнат капацитетите на ИАЦ во Северна Македонија за политичките партии да можат во нивните програми да создаваат подобри и порелевантни јавни политики што би биле уште подобро ориентирани кон граѓаните?

Најголемиот предизвик кој е присутен насекаде, не само во Северна Македонија, е претставниците на политичките партии да слушаат што им укажуваат истражувањата. Работа во политичка партија е предизвик, исполнета со притисоци, тешки и итни прашања што се појавуваат секојдневно. Често нема време да се подзастане и да се размисли. Работата на ИАЦ е можност и покана да се направи токму тоа, што значи дека работата на ИАЦ треба подобро да се интегрира во редовното работење на политичките партии во делот на осмислување јавни политики.

„Ќе работиме со ИАЦ за да разбереме на кои начини нивните истражувања на мислењата на гласачите донеле придобивки за јавните политики“

5.
За крај, на кој начин може да се стимулира и поттикне работата на помалите политички партии, со оглед на тоа што овие партии немаат ИАЦ и често имаат ограничени капацитети?

Уживав во соработката со малите партии, тие имаат многу ентузијазам и верба во својата работа, и силно се посветени на нивните замисли. Мислам дека се подготвени да почнат да остваруваат придобивки од нивни сопствени ИАЦ, иако можеби во помали размери, но верувам дека државната поддршка треба да се прошири и да ги опфати и истражувачките и аналитичките капацитети на помалите партии што се застапени во локалните и регионалните совети, а со тоа вашата демократија да добие на енергичност и разнообразност.

Галерија