Заедничка конференција на ДЗР, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ИФЕС: Финансиска отчетност на изборите

Зајакнати институции спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси, Настани

Државниот завод за ревизија, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Швајцарската програма за поддршка на изборите во Северна Македонија, спроведена од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES), организираше конференција на тема „Финансиска отчетност на изборите“.

Целта на конференцијата беше презентирање на клучните наоди од ревизорските извештаи поврзани со финансирањето на претседателските и парламентарните избори спроведени во 2024 година, како и отворање на дискусија за унапредување на институционалната подготвеност и транспарентноста во финансирањето на изборните кампањи, особено во пресрет на локалните избори во 2025 година.

Во рамки на првата сесија, модерирана од г-ѓа Јоана Козма, директорка на IFES во земјата, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска-Алексовска, ги презентираа наодите од извршените ревизии на финансиските извештаи на политичките партии и изборните кампањи од 2024 година.

„Подготвените поединечни и збирни конечни ревизорски извештаи упатуваат и понатаму на преземање на активности за надминување на системските слабости во Изборниот законик. Нашата крајна цел е да придонесеме кон поголема отчетност, транспарентност и доверба во изборниот процес, а овој форум е платформа за размена на искуства, идеи и иницијативи за идни подобрувања,“ изјави м-р Максим Ацевски, Главен државен ревизор.

Втората сесија се фокусираше на институционалните активности и подготвеност за претстојните локални избори, каде се дискутираше за заштита на изборниот интегритет, надзор над финансирањето на кампањите и справување со предизвиците во медиумската кампања. Свои обраќања имаа претставници од Државната комисија за спречување на корупција, Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Преку активна дискусија, учесниците се согласија дека потребни се посилни механизми за надзор, подобра координација меѓу институциите и јасни правила кои ќе обезбедат транспарентни изборни кампањи.

На конференцијата учествуваа претставници од клучните национални институции, меѓународната заедница и организации кои ја поддржуваат изборната реформа. Организаторите истакнаа дека заклучоците од настанот ќе придонесат кон поотчетни и потранспарентни изборни процеси, во интерес на граѓаните и демократскиот развој на државата.

Галерија