Вербални напади како „Оди прави манџа наместо да објаснуваш!“ или „Престани да збориш и дојди во кревет!“ речиси нема жена политичарка во Северна Македонија која не ги доживеала. Овој тип на омраза открива сериозен проблем во општеството – насилството врз жените во политиката, кое директно ја сквернави демократијата. Насилството врз жените во политиката претставува сериозна закана за демократијата, родовата еднаквост и општествениот напредок. Замолчувањето и заплашувањето на жените ги обесхрабрува од активно учество во политичкиот живот, што резултира со донесување одлуки кои не ги рефлектираат различностите и реалните потреби на општеството. Ова го продлабочува јазот на родовата нееднаквост и ја зацврстува перцепцијата дека жените се помалку добредојдени и ценети во лидерските улоги. Дополнително, толерирањето на таквото насилство создава опасен преседан, нормализирајќи навредливо однесување во други сектори и промовирајќи култура на насилство и мизогинија, која ја разнишува социјалната кохезија и ги ослабува вредностите на праведност и инклузивност
Алармантни податоци за насилството врз политичарките
Насилството врз жените во политиката е насилство врз демократијата! Нема оправдување – се приклучуваме на 16 дневниот активизам за борба против насилството врз жените!
Повеќе од 26% од жените сметаат дека насилството не било доволно сериозно за да се пријави, а 43% од жените сметаат дека најчестиот период за инциденти е за време на кампања, а 15% за време на јавен партиски настан.
Иако политичарките во Северна Македонија се значајни двигатели на промените, многу од нив се соочуваат со различни форми на насилство, кои ја попречуваат нивната мотивација и учество. И покрај усогласувањето на законодавството со Истанбулската конвенција, спроведувањето на мерките останува предизвик.
Ова ја нагласува потребата за зголемена јавна свест, институционална поддршка и силна политичка волја за искоренување на оваа појава. Во насока на борба против насилството врз жените во политиката, Македонско женско лоби креираше Кодекс за однесување со поддршка на програмата на Владата на Швајцарија „Поддршка на изборните реформи“ која ја спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).
Досега, 13 политички партии го потпишаа овој документ, обврзувајќи се на спротивставување на насилството, поддршка за жените, санкционирање на насилниците и промоција на женската улога во политиката.
65% од политичарките во Македонија доживеале некаков вид на насилство додека ги извршувале своите партиски функции
Насилството попречува 51 процент од човечкиот капитал во државата да се вклучи во политичкиот живот, а жените во политиката и изборните процеси се обесхрабрени да се вклучат и да го дадат својот придонес. Во Владата има само три жени од 23 позиции, Собранието има само 43 пратенички од вкупно 120 и во земјата има само две градоначалнички од 80 општини и Град Скопје.
Овие бројки покажуваат колку жените се маргинализирани во политичкиот живот, делумно и поради насилството што го доживуваат. „Насилството врз жените, како во политиката, така и надвор од неа, за жал е сè уште присутно во Република Македонија. Без разлика дали тоа е преку социјалните медиуми или вербално, најголемиот дел од жените не го пријавуваат, а треба да го пријавуваат. Никој не треба да трпи насилство во развиено општество од 21 век“, вели Љупчо Пренџов од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Факт: 62% од политичарките избрале да не го пријават инцидентот поради страв или недоверба во институциите
Политичарките нагласуваат дека за справување со овој проблем е неопходно зајакнување на законите за онлајн насилство, создавање независни тела за мониторинг на изборните процеси и кампањи за зголемување на јавната свест.
„Мојата порака до жените во политиката е да не се плашат од вербалното насилство. Тие имаат визија и самодоверба. Кога се соочив со насилство како кандидатка за пратеничка, не молчев. Заедно сме посилни“, порачува Дијана Тоска од Демократската унија за интеграција – ДУИ.
Ајсел Сејфула, пак од Партијата за движење на Турците ги охрабрува сите жени да пријават секаков вид на насилство. „Да создаваме свет во кој секоја жена ќе живее слободно и достоинствено. Вашиот глас и живот се важни.“, додава таа.
Факт: 47% од жените ја изгубиле политичката мотивација или ја напуштиле политиката поради насилствотo
Јованка Тренчевска од политичката партија СДСМ порачува жените е да бидат гласни, храбри и да го пријавуваат секој чин на насилство. „Женската солидарност е клучна. Како жени во парламентот, треба да иницираме кампањи за превенција на насилството врз жените.”, додава таа.
Според Садик Сулејмани, Алијанса за Албанците жените се столбови на нашето општество. Тие треба да бидат поддржани и охрабрени да продолжат да придонесуваат за понапредна европска Македонија.
„Насилството врз жените во политиката е системски проблем што го нарушува демократскиот процес и го задушува женскиот глас. Ова не е само борба за жените, туку и за подобра, порамноправна и поразвиена Македонија. Преку солидарност, охрабрување и институционална поддршка, можеме да изградиме општество каде секоја жена ќе биде заштитена и ќе ја користи својата улога без страв.” порача Сулејмани.
Заклучок
Насилството врз жените во политиката е сериозна закана за демократијата и развојот на општеството. За борбата да биде успешна, клучно е да се создаде солидарност помеѓу жените од сите политички партии, да се засилат законите и да се подигне јавната свест. Како што рече Хилари Клинтон: „Жените се најголемиот неискористен ресурс во светот.“ Време е да се обединиме и да ја искористиме оваа сила за подобра иднина. Нема оправдување за насилство врз жените во политиката и изборите!
*Податоците од извештајот се преземени од