Секоја година на 20ти февруари се одбележува Светскиот ден на социјалната правда. За првпат, овој ден беше промовиран во 2009 година во рамки на Обединетите нации (ОН) и оттогаш се степенува важноста на одредена горлива тема, која е во фокусот на одбележувањето на овој ден.
Годинашната тема со која се занимава Светскиот ден на социјалната правда е „Постигнување на социјална правда преку формално вработување“.
Пандемијата „Ковид 19“, изминативе две години во голема мера го парализираше светот и беа наметнати нови услови на далечинско работење со помош на дигиталните платформи. Новото „нормално“ и дигиталниот јаз влиjaeја врз можностите на работна сила. Па затоа, фокусот на годинашниот Светски ден на социјалната правда ќе биде ставен на формализирање на вработувањето, како предуслов за намалување на сиромаштијата и нееднаквоста.
Социјалната неправда е особено изразена кон младите луѓе од руралните и одалечените места, жените, руралните невработени жени, лицата со попреченост и другите ранливи групи, кои најчесто се исклучени и маргинализирани од општествените и политички процеси на одлучување.
Главната цел на овој ден е да се подигне гласот против социјалната неправда, акцентирајќи го соединувањето на различни заедници на меѓународно ниво за да се елиминира сиромаштијата, родовата нееднаквост, дискриминацијата на луѓето со попреченост, физичката дискриминација, неписменоста, верската дискриминација… со една цел да се создаде социјално интегрирано општество.
Ова се основни принципи за мирен и просперитетен соживот и колективен развој во и помеѓу нациите. Фокус кон фер и праведни резултати за секого преку социјална заштита, правда, вработување, основни принципи, социјален дијалог и правични права на работното место.

Во контекст на годинашната тема по повод Светскиот ден на социјалната правда, во Извештајот за влијанието на демографските фактори врз учеството на граѓаните во јавниот живот и едукацијата на гласачите во Северна Македонија, производ на проектот „Поддршка на изборни системи во Северна Македонија“ здравствената заштита, економската и социјалната стабилност се најважните прашања за долгорочно невработените лица, покажува истражувањето. Долгорочно невработените лица, како и сиромашното население, се несразмерно повеќе погодени, и нивната здравствена заштита, економска и социјална стабилност се загрозени. Затоа, долгорочно невработените лица се помалку заинтересирани за општествено-политичките случувања и поретко зборуваат за овие прашања. Ова е резултат на економските проблеми со кои се соочуваат.
Седумдесет и осум проценти од испитаниците се заинтересирани за поактивен граѓански ангажман. Но, и покрај тоа, (61%) од учесниците во истражувањето не веруваат во постигнување позитивни промени со индивидуален ангажман, додека 25% немаат интерес за граѓански ангажман, што ја објаснува ниската мотивација за граѓанско учество.
Долгорочно невработените лица се резигнирани и не веруваат дека имаат моќ да влијаат врз креирањето политики за подобрување на квалитетот на животот, ниту пак имаат верба дека институциите можат да ја подобрат нивната позиција и статус. Веруваат дека можностите за вработување често зависат од партиското членство, кое доколку го нема, можноста за вработување се намалува и чврсто веруват во „партизацијата“ на секој сегмент од општеството, особено во врска со вработувањето.
За да се надмине оваа социјална неправда, во препораките на извештајот се вели дека зголемување на вербата во сопствената моќ создава можности за вклучување на долгорочно невработените лица во процесот на донесување одлуки во општеството. Доколку луѓето веруваат дека можат да направат промена во нивната заедница или да го подобрат квалитетот на животот, тогаш ќе бидат позаинтересирани да учествуваат во граѓански активности. За да се подобри негативната перцепција потребна е поголема инклузија на овие луѓе во рамки на заедницата, нивно инволвирање во различни активности, како и продолжување и проширување на напорите за граѓанско образование и зајакнување на капацитетите за самостојно граѓанско учество.

Галерија