Како младинските центри да станат реалност?

Јавни настани, Мобилизатори на заедницата

Какви активности треба да понуди еден младински центар, кои се неговите придобивки, каков центар замислуваат да имаат младите и кои се нивните омилени активности?
Се дел од прашањата, на кои мобилизаторката Софија Стојановска бараше одговори изминативе месеци, организирајќи работилници во неколку општини низ земјава, преку нејзината иницијатива „Што треба да направиме за младинските центри да станат реалност“, која е дел од проектот „Поддршка на изборни реформи“.

На онлајн јавната дискусија, која се одржа денеска и во која земаа учество претставници од општините и службеници од веќе постоечки младински центри и оние кои се во процес на формирање, Софија ги сподели собраните мислења од младите во дел од општините, ја оправда потребата на младите за формирање на младински центри и го претстави извештајот за тоа како младите го замислуваат совршениот младински центар.

„Младите сакаат и треба да имаат центар во своите општини“ е севкупниот заклучок на учесниците, кои развија интерактивна диксусија и ја оправдаа потребата од формирање на вакви центри, кои ќе ги мобилизираат младите на едно место.

Младите сакаат спортски да се рекреираат и креативно да се изразуваат е заклучокот од дискусијата, а одличен пример за тоа е Младинскиот центар во Кавадарци во чии рамки активно се вклучени преку 250 и речиси уште толку индиректно вклучени млади луѓе.
Во овој центар, каде младите го поминуваат своето слободно време досега се организирани курсеви за странски јазици, музички работилници во кои младите создаваат песни на тема за родова рамноправност и песни против говор на омраза, формиран е и драмски клуб…

Во останатите општини, каде Софија организираше работилници како: Велес, Куманово, Битола и Валандово, формирањето центри е во процес, кај некои е стопиран или воопшто не е започнат.

Позитивната практика на оваа иницијатива покажува дека потребата од вакви центри е нужност за секоја општина од земјава, а според Законот за младинско учество и младински политики, општините се обврзани да го зајакнат учеството на младите во процесите на креирање политики, со цел да се потикне волонтерство и младински активизам, кој ќе допринесе за личен, професионален и социјален развој на младите.

На крајот беше направена визуелна презентација како младите го замислуваат својот младински центар, во кој треба да има канцеларија, каде ќе можат да добијат одговори на сите прашања и потреби, внатрешен и надворешен простор, каде ќе се одржуваат сите активности, како конференции, трибини, работилници, кино проекции, музички настани, и конечно, сите едногласно потенцираа дека во овие центри неопходно е да се создадат услови за лицата со попреченост.

Галерија